Вахид Халилхоџиќ е во чудна ситуација да добие и отказ како селектор на Мароко, иако успеа да ја одведе селекција на Мундијалот во Катар и не попушта со бунтовниците, иако може да добие отказ.
Легендата на југословенскиот фудбал доби еден вид на ултиматум од челниците на мароканската федерација да ги повика пред се Хаким Зијеш и Нусаир Мазрауи, но и уште неколку фудбалери кои воопшто не играа во квалификациите за СП поради недисциплина.
„Нема шанси да повикам играчи што одбиваат да тренираат, кои измислуваат повреди и не ја почитуваат атмосферата и дисциплината во репрезентацијата. Тоа за мене е завршена приказна“, изјави Халилхоџиќ.
Бунтовниците сакаат да се вратат во националниот состав, за такво сценарио притиска и раководството на мароканската фудбалска федерација и грото навивачи, но Халилхоџиќ не се предава.
Ако добие отказ популарниот Ваха ќе биде раритет во светот на фудбалот. Тоа ќе му биде трет сличен случај, да успее преку квалификации да се пласира со одредена репрезентација на Мундијал, но не и да ја предводи како селектор на првенството.
Халилхоџиќ е рекордер и единствен кој успеа да одведе дури 4 различни репрезентации на Светски првенства преку квалификации и бараж, а тоа се Брегот на Слоновата Коска, Алжир, Јапонија и сега Мароко, сите во циклус од последните 12 години.
И само со една од нив, со Алжир беше како селектор и на Мундијалот во 2014 година, кога во осминафиналето испадна во продолженија против Германија, која потоа стана светски првак.
Претходно во 2010 година успеа со Брегот на Слоновата Коска да се пласира на Светското првенство, но поради неуспехот на АФКОН непосредно пред Мундијалот, доби отказ.
Слично му се случи и со Јапонија на претходното Светско првенство во Русија 2018 година, кога поради кавга со челниците на Федерацијата, беше сменет од кормилото.
Мароко ќе игра во Ф групата на Светското првенство во Катар во ноември и декември годинава, а ривали ќе му бидат репрезентациите на Хрватска, Белгија и Канада.