Никола Јокиќ блескаше во офанзивен и дефанзивен аспект против Голден Стејт, но сепак не можеше сам да игра против „воините“ и мораше да се помири и со прв пораз на домашен терен.
По двата порази на гостувањата, Денвер сега претрпе пораз и на домашен терен и Голден Стејт води со убедливи 3:0 во серијата, која засега е многу поеднонасочна од тоа што се претпоставуваше.
Одговорните за тоа се играчите на Голден Стејт кои играат извонредно добро како тим, а во прилог им оди и фактот што Јокиќ не добива сериозна поддршка од соиграчите и е оставен сам да се бори во најважните моменти.
Србинот беше најдобар играч на паркетот со 37 поени, 18 скокови и 5 асистенции, но тоа не беше доволно за победа и Денвер загуби со 113:118. На спротивната страна, лидери во нападот беа Кари и Пул со по 27 поени, Томпсон уфрли само еден помалку и тоа доволно говори за квалитетот на тројцата кошаркари.
Во одбраната, извонреден како и обично беше Дрејмонд Грин, кој всушност му украде и клучна топка на Јокиќ во последниот напад на Денвер за враќање во мечот. На 30-тина секунди пред крајот, Грин ризикуваше и брилијантно ја собра топката, а „кражбата“ има уште поголемо значење ако се знае дека истата ја направи со пет фаули.
Далас ја запиша и втората победа, овој пат на гостувањето против Јута со 118-126, и сега има предност од 2-1 во серијата, и тоа без првата ѕвезда Лука Дончиќ. Во недостаток на Дончиќ главниот збор во победата го имаше Брансон со 31 поен.
Донован Мичел имаше ефект од 32 поени кај Јута, а Бојан Богдановиќ – 24 поени.
Мемфис успеа да направи брејк по поразот во првиот натпревар на домашен терен и славеше со 95-104 во Минесота, иако губеа со 26 поени разлика. Мемфис успеа да ја намали предноста до полувремето, но Минесота уште еднаш се одлепи, а предноста не падна од почетокот на мечот до последната четвртина.
Бејн со 26 поени беше најефикасен кај гостите, додека Брендон Кларк запиша 20 поени. Џа Морант постигна трипл-дабл – 16 поени, со десет скока и десет асистенции. Расел беше најдобар кај Минесота со 22 поени.