Денеска се одиграа два натпревари од 29 коло во Првата македонска фудбалска лига, составот на Академија Пандев со 2:1 триумфираше над Брегалница Штип, а Скопје беше подобар од Работнички (0:1).
По првиот дел водеа „пандевци“ со голот на Димоски од 17 минута, а на стартот од вториот дел (50`) предноста ја зголеми Шаркоски.
Штипјани успеаја само да го ублажат поразот во финишот од средбата од пенал кој го реализираше Стојанов (90+3`).
Академија Пандев е на второто место со 58 бодови, додека Брегалница е петтопласирана со 39.
Скопје им се врати на победите во шампионатот, Јаневски донесе триумф над фаворитот Работнички со погодок постигнат во 69 минута.
Скопјани се на деветтата позиција со 29 бодови, додека „романтичарите“ на седмото место со 37.
За в сабота (16.00 часот) се закажани останатите четири мечеви од оваа рунда: Шкендија – Македонија ЃП, Шкупи – Ренова, Струга Трим Лум – Пелистер и Тиквеш – Борец.