Макс Верстапен беше најбрз на вчерашните квалификации во Имола, а денеска славеше и на првата спринт трка во новата натпреварувачка сезона во Формула 1.
Холанѓанецот 21 круг помина со време 30:39.567 минути. Второто место го освои Шарл Леклер од Ферари со 2,975 секунди заостанување.
Актуелниот шампион го загуби првото место пред првиот свиок од Леклер поради лошиот старт, но сепак чекаше за завршен удар пред финишот и се избори за посакувана ситуација. Иако на средина на спинт трката се чинеше дека Холанѓанецот се задоволи со второто место, сепак излезе дека болидот на Ферари побрзо ги троши меките гуми, па така Макс тргна во комплетна офанзива и го престигна Леклер со еден ризичен потег.
Верстапен го престигна Леклер од надворешна страна на еден круг пред крајот, а потоа лесно ја одржа предноста и оствари победа на спринт трката во Италија.
Верстапен освои осум бода и си обезбеди прво стартно место за утрешната трка, на која Леклер ќе биде втор, Перез трет, а Саинц кој направи пресврт ќе стартува четврт. Меѓу првите десет се уште Норис, Рикиардо, Ботас, Магнусен, Алонсо и Шумахер.
Спринтот го одреди стартниот редослед на утрешната главна трка за Големата награда на Емилија-Ромања. Почетокот е во 15 часот.



