Светскиот број еден, Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на Србија Опен во Белград победувајќи го Карен Хачанов, по нов пресврт на турнирот, како и во претходните два дуели, но беше расположен кога се обрати на домашната публика.
– Среќен празник. Ви посакувам се најдобро, пред се здравје. Во последно време најмногу внимаваме на тоа, па ви посакувам најмногу здравје, но и мир, љубов, хармонија во семејството. Што се однесува до мечот, сега изгледа дека е рутина, излегувам и го губам првиот сет. Веројатно се веќе 5-6 натпревари по ред кои се одиграа така. Ќе морам да сменам нешто утре во финалето. Иако, не би се жалел и утре да го загубам првиот сет, а да го добијам мечот. Честитки за Карен за борбата, имаше одличен турнир, му посакувам се најдобро. Најверојатно го одиграв најдобриот тенис оваа недела во овие два финални сета, истакна лидерот на АТП листата.
Тој напомена и дека претходно кажал оти земјените терени бараат да се одиграат што е можно повеќе натпревари на подлогата за да може играчот да го пробие психичкиот ѕид што постои.
-Навистина е голем предизвик да се вратиш во форма, тешко е да се достигне максимумот, а лесно е да се изгуби. Но, на крилата на публиката успеав. Ова е најдобрата публика на светот, најдоброто чувство за мене е кога играм овде.
Веќе се чувствувам удобно на теренот, одиграв три сета на сите три меча овде, така што веќе истрчав многу за да стигнам до одредена форма. Можеби недостатокот на форма ќе се почувствуваше пред три или четири дена во мојата игра, но не сега. Се надевам дека тоа ќе го покажам утре, пред оваа публика и ќе и го вратам трофејот на Србија, заврши Ѓоковиќ.



