Ѓоковиќ пак го загуби првиот сет, па го „збриша“ Хачанов за финале во Белград

Новак Ѓоковиќ не дозволи нов удар како во Дубаи и Монте Карло и преку пресврт славеше победа над Карен Хачанов за пласман во финалето на Србија Опен во Белград.

Идентично како и на претходните два дуели на овој турнир, Новак се мачеше да влезе во ритам, го загуби првиот сет, но, сепак, за разлика од претходните два дуели против двајца свои сонародници денеска по изгубениот сет доминираше во остатокот од мечот.

Српскиот ас со многу проблеми го започна мечот пред домашната публика. Уште во првиот гем не го искористи својот сервис и дозволи Русинот да отвори со брејк, кој веднаш беше потврден за водство на Хачанов од 0-2. Ѓоковиќ не беше сигурен ниту во вториот гем на свој сервис, но во последен момент спаси брејк топка на противникот и го намали резултатот, но до крајот на сетот не најде начин како да го возврати ударот и 26. тенисер на светот поведе со 1-0.

По лошиот прв сет, Ноле конечно влезе во посакуваниот ритам и со два брејка во низа ја врати неизвесноста на натпреварот и израмни на 1-1 (6-1). Со брејк беше отворен и третиот сет, но овој пат за водство на српскиот ас, кој ја продолжи одличната игра од вториот сет и со само два загубени гема славеше заслужена победа и пласман во финалето.

Во големото финале Ѓоковиќ ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Фоњини и Рубљев, кој наскоро треба да започне.

Треба да знаете
Последни објави