Иако минаа два дена од спектакуларната борба за насловот светски првак во тешка категорија во бокс верзијата ВБЦ, сепак не престануваат коментарите за тоа што му направи Тајсон Фјури на Дилијан Вајт. Пред 100.000 гледачи на “Вембли“, “Кралот на Циганите“ со аперкат го нокаутираше својот ривал и тоа во шестата рунда.
Сепак, Вајт тврди дека борбата против Фјури завршила незаконски бидејќи бил оттурнат по аперкатот, што довело до пад и удар во главата на подот.
Како што можеше да се види на снимките откако аперкатот му седна токму на брадата на Вајт, Фјури навистина го оттурна, по што тој падна на подот. Тој исто така тврди дека туркањето предизвикало дополнителна сила при падот и дека тоа е причината поради која при падот ја удрил главата по подот.
-Аперкатот ме потресе, но се обидов да се повлечам по што тој ме оттурна па паднав на подот и си ја удрив главата, што е недозволен потег. Ова не е борење, ова е бокс, но како и обично Фјури може да стори што сака и ќе остане неказнет, рече Вајт за Sky Sports.
Боксерот смета дека требало да добие дополнително време да се опорави поради незаконскиот потег.
-Требаше да ми биде дозволено да земам дополнително време за да се опоравам пред да ја продолжам борбата. Тој ме турна и му рече на судијата да не дозволи борбата да продолжи. Судијата не заврши добра работа. Во ред, вистината е дека примив добар удар и бев потресен, но не паднав на подот, рече Вајт.
Тој смета дека би било во ред да добие шанса за реванш со оглед на целата ситуација.
-Тајсон Фјури секогаш некако се извлекува со сето тоа, тој рече дека сака да се пензионира, но се надевам дека тоа нема да се случи бидејќи сакам реванш, рече Вајт.
Дали паднал од аперкатот или од туркањето Вајт најдобро си знае, но сигурно е дека од ударот останал без заб, кој се гледа како одлета по нокаутот.
Can’t believe people missed @DillianWhyte gold tooth being launched into orbit by @Tyson_Fury last night. Hope he got it back ???? #FuryWhyte pic.twitter.com/SdDZoM9b5u
— G Starr ???????? (@fedgebaby) April 24, 2022