Столе херој во триумфот на „Камп Ноу“, Барса оштетена во финишот

Фудбалерите на Рајо Валјекано направија нешто што на ретко кој друг тим му успевало низ децениите, а тоа се двете победи по ред над Барселона во иста сезона, откако синоќа, по гладијаторска борба, славеа со 0:1 во пресметката на „Камп Ноу“. Ова беше и прва победа на Рајо во Барселона по 22 години.

Еден од најзаслужните за историскиот успех на малиот клуб беше македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, кој ја сочува недопрена својата мрежа. Тој имаше неколку фантастични одбрани со кои буквално ги збудале противничките напаѓачи, кои се обидуваа да ја достигнат негативата во која неочекувано се најдоа уште по нецели десетина минути од мечот.

Димитриевски беше буквално како „октопод“ во финишот од средбата и особено во дополнителните 13 минути од судиското продолжение, кога двапати реагираше маестрално и спаси сигурно погодоци на Барса, што само ја зголеми фрустрацијата кај фудбалерите на овој тим. Поради тоа, Македонецот беше најдобро оценетиот играч на средбата со 8,33, што автоматски му го донесе признанието – фудбалер на мечот.

Сепак, Барселона по овој натпревар се жалеше на судењето поради неколку контроверзни одлуки.

На крајот од мечот домаќините бараа пенал кога Гави беше соборен во шеснаесетникот на гостите, а сите на стадионот мислеа дека судијата ќе покаже на белата точка, но тој не го стори тоа.

Барселона потоа побара од судијата да стапи во контакт со ВАР-собата и да погледне снимка од дуелот, но беа изненадени кога тој рече дека нема да се гледа бидејќи помошниот судија сигнализираше офсајд.

Сепак, потоа беше претставена ситуацијата на оваа акција и беше јасно дека Гави не е во офсајд, што само дополнително го предизвика гневот на членовите на Барселона. За нив е неверојатно дека судиите не гледале ВАР во оваа ситуација и сметаат дека Барселона е тешко оштетена што не се случува првпат во ваква ситуација.

Треба да знаете
Последни објави