Новак Ѓоковиќ немаше енергија во последниот сет од финалето во Белград против Андреј Рубљев, го загуби со 0:6 и мечот со 1:2 во сетови и потоа се пожали на мистериозна болест.
„Вакво нешто никогаш не ми се случило во кариерата. Има сила за првите два гема во последниот сет и потоа комплетно бев исцрпен. Не е корона, но и не сакам да зборувам за деталите. Опасно влијаеше на моето здравје и на организмот. Веројатно ќе морам подолго да одморам, бидејќи истото ми се случи и на турнирот во Монте Карло“, изјави српскиот тенисер.
Тој и се извини на публиката што не успеа да ја освои титулата во Белград, а ги пофали за големата поддршка што му ја даваа во текот на целиот турнир.
Сега неизвесно е дали Ѓоковиќ ќе успее да се справи со болеста што не откри точно од каков карактер и дали ќе биде максимално подготвен за настап на вториот гренслем во сезоната, на Ролан Гарос во Париз од 22. мај до 5. јуни.