Поп-ѕвездата Ед Ширан и повеќе од 100 личности со статус национално богатство ќе наздрават на јубилејот на кралицата Елизабета додека земјата се обединува за да ги прослави рекордните 70 години на тронот на монархињата, со четиридневна прослава, која почнува на 2 јуни.
Ширан и ‘националните богатства’ ќе им се придружат на приближно 10.000 изведувачи на т.н. народен натпревар на крајот од прославата по повод годишнината.
Елизабета Втора (96) е првата суверена во британската историја, која достигна седум децении како монарх, а за одбележување на оваа пресвртница, ќе има прослави во текот на два државни празника и еден продолжен викенд на почетокот на јуни.
Овие свечености ќе вклучуваат служба на благодарноста, концерт во живо пред Бакингемската палата и воена парада, а ќе има и низа настани во целата земја.
Кулминација ќе биде платинест јубилеен натпревар на 5 јуни, на кој воени бендови, изведувачи, танчари и познати лица од спортот, филмот, театарот и музиката ќе се движат по рута долга 3 километри низ центарот на Лондон, слична на онаа што ја поминала кралицата на денот на нејзиното крунисување во 1953 година.
Организаторите предвидуваат дека една милијарда луѓе во светот ќе го следат настанот, кој ќе се емитува во живо, а чија цел е да им оддаде почит на значајните моменти од владеењето на кралицата.