Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, на денешната прес-конференција вети награда за Петар Арсовски кој неодамна го освои бронзениот медал на Европското првенство за млади боксери.
– Честитки за младиот Петар кој дефинитивно после многу години направил одличен резултат за македонскиот бокс. После толку години имаме млад шампион кој дефинитивно се надевам дека ќе продолжи по стапките на Вели Мумин. Задоволството е наше што на самиот почеток се заложивме дека сите нивни успеси, сите нивни тактички варијанти кои дефинитивно се во склоп на Федерацијата ние ќе ги поддржуваме. Така и ќе продолжи. АМС стои на располагање и се надевам дека во следните циклуси ќе имаме уште многу Петари кои дефинитивно ќе направат многу за нашиот бокс. Ова е еден почеток кој нас засега ни фалеше. Еве покажавме дека можеме и се надевам дека следните негови резултати ќе бидат златен медал. АМС секои нивни успеси ги вреднува, така ќе биде и со Петар и ќе биде награден од наша страна, истакна Мојсовски.
За големиот успех и освоениот вреден медал зборуваше и Петар Арсовски кој се заблагодари за поддршката што ја добива од Агенцијата за млади и спорт.
– Овој спорт бара огромна жртва. Особено првиот меч каде што ги изгубив и двете рунди беше многу тешко, беше драматично. Требаше претходно да се запне со сите сили и целосен напор, немаше простор за попуштање. Веќе втората борба бев повитален во сите три рунди и таму беше малку полесно. Во полуфиналето, во третиот меч Бугаринот смисли многу добра стратегија за мене и за тоа честитки, таму ме победи, но тој го избегна машкиот дуел и таму за жал изгубив. Со него сум боксувал веќе три пати. Јас го имам еднаш и него победено, меѓутоа овој пат добро ме проценија, ме проучија како боксувам. Сакам да се заблагодарам на сите коишто ме поддржуваа за да го освојам овој медал и се заблагодарувам уште еднаш на сите.
Претседателот на Боксерската федерација, Примислав Димовски во овој успех гледа нов почетокот за македонскиот бокс, по како што рече, стагнацијата поради пандемијата.
– Овој успех може некој да каже дека е изненадувачки, за нас не толку затоа што Петар со години тренира и учи во специјализирано училиште во Софија за боксерскиот спорт, така што за нас и не е толку изненадување. Малку парадоксално изгледа, но домашниот бокс буквално е во стагнација поради короната, памтиме сите последните две години активностите се на минимум, и овие успеси пред две години на Адријан и сега на Петар буквално не одржуваат во „живот” и ја оправдуваат помошта што ја добиваме од Агенцијата, потенцира Димовски.
Инаку, Боксерската федерација донесе одлука да го награди Петар Арсовски со 120 илјади денари.