УЕФА на 11-ти мај ќе го има редовното годишно собрание и на конгресот во Виена ќе има неколку теми кои ќе бидат во фокусот на јавноста, но сепак топ вест се очекува да биде изгласувањето на големата промена во Лигата на шампионите. Потенцијалниот нов формат во најелитното натпреварување почнувајќи од сезоната 2024-та ќе биде сериозно разгледан од водечките луѓе на европскиот фудбал, а угледниот „Тајмс“ тврди дека УЕФА пронашла вистинска форма да ја направи Лигата на шампионите уште поконкурентна и уште повозбудлива за гледачите.
Изворите на овој медиум велат дека Чеферин на конгресот во мај ќе го изнесе на гласање предлогот за фајнал-фор турнир во Лигата на шампионите, а со оглед на големата поддршка која ја има од соработниците, нема сомнежи дека ќе се даде зелено светло за овој нов формат.
Насер Ал Келаифи како претседател на ЕЦА излезе токму со овој предлог пред извесно време, а најавите се дека истите во мај ќе се обвистинат и дека најелитното клупско натпреварување ќе добие нов изглед започнувајќи од сезоната 2024-та.
Идејата е Лигата на шампиони да има фајнал-фор завршница со четирите најдобри тимови и натпреварите да се играат на неутрален терен, па покрај тоа што ќе се зголеми спектаклот за навивачите, Ф4 турнирот би донел и многу поголем профит од телевизиските договори и рекламните спонзори.