Украина на 11 мај ќе гостува во Менхенгладбах

Фудбалската репрезентација на Украина во рамки на подготовките за мундијалскиот бараж ќе одигра пријателски натпревар против германскиот прволигаш Борусија од Менхенгладбах.

Натпреварот е закажан за 11 мај во Менхенгладбах, а целиот приход од влезниците ќе биде наменет за украинските семејства кои ја напуштија земјата поради руската инвазија.

– Задоволство ни е што ќе ја нагостиме украинската репрезентација. Ги повикуваме навивачите да дојдат на стадионот и со купување билет да ја поддржат хуманитарната акција, изјави директорот на Борусија Менхенгладбах, Стефан Шиперс.

Украина, која на 1 јуни ќе и гостува на Шкотска во Глазгов во рамки на полуфиналниот плејоф бараж, своите подготовки за дополнителни квалификации ќе ги има во Словенија, во Брдо крај Крањ.

Украинската фудбалска федерација пред две недели објави дека во тек се разговори за одигрување пријателски натпревари против Македонија и Франција.

Треба да знаете
Последни објави