Истражувачите од Универзитетот во Јужна Калифорнија анализирале стотина студии за исхрана, спроведени во текот на последните децении, во потрага по онаа која нуди најдобри шанси за подолг и поздрав живот.
Резултатите ги навеле истражувачите на заклучок дека токму чоколадото би можело да биде дел од таквата исхрана. Она што е важно да се напомене е дека станува збор исклучиво за црно чоколадо со висок процент на какао, а помеѓу намирниците кои треба во целост да се исфрлат или сведат на минимум се црвеното и сите видови на преработено месо.
Исто така се препорачува да се пости секој ден во период од 12 часа, по што остануваат уште 12 часа дневно во кои треба да бидат распоредени сите оброци.
Мешунките, целосните житарици и зеленчукот се клучен дел од планот на исхрана, како и многу јаткасти плодови и маслиново масло. Некои риби се дозволени за консумација, а внесот на пилешко месо треба да биде многу низок, како и внесот на шеќери и производи од рафинирани житарици како белиот леб и тестенините.
Главниот автор на студијата, д-р Волтер Лонго, утврдил дека правилата на оваа исхрана не се насочени само кон губење на вишокот килограми. Наместо тоа, како што вели тој, „тие имаат за цел да го забават стареењето, да помогнат во избегнување на морбидитети и да го одржат здравјето во поодминатите години“.
Мноштво докази покажуваат дека ваквите обрасци на исхрана ја поттикнуваат здравата функција на клетките и спречуваат дебелеење, дијабетес и рак.
Д-р Лонго и професорката Розалин Андерсон ги објавиле своите откритија во списанието „Cell“.