Новата несекојдневна сликовница „Шила“ е топла приказна за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Книгата, која деновиве излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на седми мај (сабота), со почеток во 19 часот, во рамките на Саемот на книгата 2022.
„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Го отвора прашањето за соочување на децата со дислексија. Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа.
Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мерка на среќата кон која сите се стремиме. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака. Идејата за приказната почнала да се развива од цртеж. Илустраторката Калиопи Трпчева прво го нацртала ликот на Шила, а подоцна се развило и сижето на книгата.
„Ликот на Шила се роди пред да се создаде приказната. Јас сум дипломиран сликар и илустратор, а една од моите омилени техникни на кои работам е колажот. Многу често скицирам ликови, на било каква хартија која ми се наоѓа во мометот. Инспирацијата за сите мои дела произлегува од моите чувства, тага, радост, среќа… коишто ги прикажувам преку ликови во силен колорит и колаж. Така, еден ден со едно моливче на блокче го нацртав и ликот на Шила. Тогаш дојдов до идеја дека сакам да ги спојам сите медиуми на кои што творам: сликарството, илустрацијата, колажот и најбитното –моите чувства. На почетокот знаев само две работи за приказната: дека ќе постои Шила и дека таа ќе шие кукли според своите чувства“, вели Трпчева.
Авторката на текстот, Јана Мишо, вели дека за неа сликовницата „Шила” е едно од најубавите творечки искуства.
„Ова ми е меѓу поомилените проекти. Беше уживање да се работи на текстот, а воодушевена сум од крајниот резултат. Се гордеам! Калиопи Трпчева е креатор на целата идеја за „Шила“, мене само ми припадна честа да ја напишам приказната. Шила ја имаше замислено како посебна и талентирана, но и повлечена, карактеристика што често знае да дојде во комбинација со генијалност. На почетокот, имав неколку илустрации за инспирација и природно, без планирање приказната ми отиде во тој правец – Шила да има дислексија. Паметно, талентирано и воспитано дете, но ете потиштено и срамежливо, зашто не знае да чита како нејзините врсници“, вели Мишо за описот на книгата.
Книгата ќе биде застапена и за време на Саемот на книгата во СЦ „Борис Трајковски”, Скопје, од трети до деветти мај.