Американскиот претседател Џо Бајден ги пофали новинарите кои известуваат за руската инвазија на Украина, продолжувајќи ја традицијата на Вашингтон да зборува на вечерата на групата дописници на Белата куќа во саботата навечер.
Откако беше откажана две години по ред поради пандемијата, а претходно беше бојкотирана од Доналд Трамп за време на неговиот претседателски мандат, вечерата беше повторно одржана со настапот на комичарот Тревор Ноа, пренесуваат американските гласила.
Говорот на Бајден, како што стои во новинарските написи, започнал со шеги за неговата непопуларност во јавноста, неговата возраст и односот на Трамп кон медиумите.
„Имавме ужасна чума – проследена со две години Ковид“, кажал Бајден.
„Навистина сум возбуден што ќе бидам овде вечерва со единствената група Американци со понизок рејтинг од мојот“, додал тој.
„Отровот ја јаде нашата демократија, а дезинформациите се во пораст. Вие, слободните медиуми, сте поважни од кога било во минатиот век. Навистина тоа го мислам“, истакнал тој.
На вечерата присуствувале новинари, извршни уредници, службеници од администрацијата и познати личности, меѓу кои и Ким Кардашијан и комичарот Пит Дејвидсон.
Агенциите пренесуваат дека Бајден не можел да одолее и да не ги спомне рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот американски претседател Доналд Трамп во своите завршни зборови.
„Тревор, навистина добрата вест е што сега можете да се пошегувате на сметка на претседателот на САД. Но, за разлика од Москва, нема да завршите во затвор“, му се обратил Бајден на комичарот кој го водел настанот.