Бразилскиот фудбалски репрезентативец Ришарлисон се погрижи Евертон да го совлада Челзи (1:0) и да ја продолжи битката за опстанок во Премиер лигата. Ова е втора победа за „карамелите“ во изминативе месец ипол по триумфот над Манчестер јунајтед. Тотенхем го прегази Лестер со 3:1 во трката за место кое води во Лигата на шампионите, по 35. коло во англиската фудбалска лига.
Џабе сета надмоќ и доминација на лондонските „сини“, двојно повеќето удари, шанси, седумте корнери на „Гудисон Парк“, кога еден момент Бразилецот по две минути игра во вториот дел искористи за да им даде гол и на крај да донесе големи три бода во трката за опстанокот.
Евертон остана трет одоздола, но сега со 32 бода, само два помалку од Барнли и Лидс како главни конкуренти од кои има и меч помалку.
Јужнокорејската ѕвезда Сон даде два гола, а еднаш асистираше за убедливата победа на Тотенхем против Лестер (3:1) на „Вајт Харт Лејн“ со што ја продолжи битката за пласман во Лигата на шампионите идната сезона.
Попладнево Сон тргна со асистенција за Хери Кејн во 22-та минута, а потоа даде два гола во 60-та и 78-та на асистенции на Дејан Кулушевски, а Келечи Иченачо во првата минута од судиското надополнување постигна почесен гол за Лестер.