Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека ќе го прогласи за предавник секој кој нема да го блокира влезот на Финска и Шведска во НАТО, додека Хрватите во БиХ не добијат писмена гаранција дека изборниот закон во БиХ ќе се промени.
Милановиќ, кој повеќепати изјави дека е против приемот на Финска и Шведска во НАТО, доколку не се промени изборниот закон во БиХ, изјави дека Хрватска има историска можност да се бори за Хрватите од Босна и Херцеговина.
„Тоа е хрватски интерес, не е каприц и опсесија, во хрватскиот Сабор не доаѓа предвид да се гласа за какво било проширување на НАТО. Јас зборувам многу јасно, додека Хрватите во БиХ не добијат писмена гаранција дека се решени работите. Додека не се стави на хартија, значи до промена на законот. Кој не гласа така, ќе го наречам предавник, како и секој што пие кафе со нив“, рече Милановиќ.
Тој и претходно посочи дека хрватскиот парламент не смее да ратификува ничие пристапување во НАТО додека не се смени изборниот закон во БиХ.