Власта на СДСМ и ДУИ безмилосно ги трошат народните пари. Кога не им се доволни парите кои ги собираат како даноци, воопшто не се воздржуваат и да се задолжат за после тие долгови да ги плаѓаат идните генерации. Долгот во време на оваа власт достигна 60% од БДП или над 7 милијарди евра.
Според најавите следи ново задолжување од 900 милиони евра со долгот веројано ќе надмине 8 милијарди евра или ќе биде околу 65% од БДП. И да е пострашно овие речиси милијарда евра се земаат за одржување на ликвидност на буџет, а не за економски развој.
Економијата која СДСМ и ДУИ ја преставуваа како блескава, како најдобра и што ли уште не, сега за неколку месеци се бори за буџетска ликвидност. Тоа само покажува дека власта лажела и правела потемкини села, а вистината е дека сме доведени до гола егзистенција.
Ако се има предвид дека СДСМ и ДУИ стапија на власт кога долгот изнесуваше 4,7 милијарди евра, тогаш тоа значи дека тие во овие 5 години власт се задолжиле безмалку колку сите влади заедно од независноста.
Но, да погледнеме каде завршија парите. Нема капитални инвестиции, нема нови автопати, клинички болници, значителна образовна инфраструктура… Во исто време секој ден читаме за милионски издатоци за позлатени прибори, фстаци, службени возила, перење на службени возила, режано цвеќе, жардињери, мебел, кафиња, ручеци, хотелски услуги и други непродуктивни трошоци. Додека државата се задолжува фрчат огласи, матни тендери, зделки во 4 очи, договори во хотели и што ли уште не.
И на толкави задолжувања освен што нема никакви инфраструктурни проекти, економијата доживува целосен колапс. Нема аспект во кој не сме последни или на дното во регионот, а не пак во Европа.
Во Европа сме четврта најсиромашна држава, а дополнително 35% од граѓаните се во ризик од сиромаштија. Последни сме во регионот според растот на БДП во 2021 година, а за потсетување имавме и најголем пад на економијата во 2020 година. Три години по ред имаме пад на бројот на вработени во индустријата, само минатата година затворени беа 7000 компании, а сме убедливо на дното по прилив на странски инвестиции во споредба со земјите од регионот.
Задолжувањето на државата расте, а стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа. Инфлацијата ги изеде платите кои и онака се најниски во регионот. Само во месец март инфлацијата беше 8,8%, а сите основни животни продукти пораснаа од 30 до 100%. Буквално власта на СДСМ и ДУИ се што зеде како задолжување или исчезна во криминалните и корупциски шеми или се истроши за одржување на ликвидност на буџет.
Економскиот колапс кој што и се случува на Македонија мора да престане. Тоа е можно само ако оваа неспособна криминогена и неодговорна гарнитура на СДСМ и ДУИ заминат од власт. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ инсистира на скори избори, а до тогаш нуди експертски тим од областа на економијата кој што ќе помогне про боно во изнаоѓање на решенија од кризата во која сме како ниту една друга земја во опкружувањето, токму заради оваа влада.