Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска упати честитка по повод Денот на работниците – 1 Мај, при што напомена дека овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се подобрат условите за работа и почитувањето на достоинството и правата на работничките и работниците.
-Синдикатите, граѓанските организации и политичките партии имаат обврска да покажат далеку повеќе искреност и посветеност во борбата за социјална правда и работнички права, се наведува во соопштението на Цивил по повод Денот на работниците.
Според Цивил, од исклучителна важност за правата на работничките и работниците се синдикатите кои ги застапуваат работничките права.
-Неприфатлива е спрегата во која дел од синдикатите и синдикалните лидери се ставени во функција на политичките амбиции на партиите и нивните лидери. Кризите не смеат да бидат изговор за намалување на работничките права, туку нивно унапредување, на сметка на дебелите профити на капиталистите, порачуваат од Цивил.
ЦИВИЛ ги повика политичките партии, Владата и Собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување.
-Голем дел од работничките и работниците во Северна Македонија живеат и работат во тешки услови, неретко се без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви и на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба, посочија од Цивил.