Во Загреб веќе два месеца владее епидемија на хепатитис А или заразна жолтица, а најголем број заболени се средношколци, објави Јутарњи лист.
„Од почетокот на март забележавме 57 случаи на заболени од хепатитис А, најмногу кај средношколци. Идентификуван е вирусот на хепатитис А, што се пренесува по феко-орален пат, односно со внесување на загадена вода или храна во столицата на заразено лице или во раце контаминирани со столицата на заразено лице“, изјави Бранко Колариќ, директор на Институтот „д-р Андрија Штампар“ во Загреб.
Болеста е регистрирана кај ученици од три училишта, но и нивните домашни контакти.
„Но, епидемијата е целосно под контрола, а околу 45 пациенти веќе се опоравија. Можно е на крајот бројот на заболени да биде поголем, бидејќи периодот на инкубација за хепатитис А е еден месец, во некои случаи и два месеци“, рече Колариќ.
Училиштата добија инструкции кои им ги пренесоа на родителите и на децата.
Според порталот Директно, епидемијата почнала во Угостителско-туристичкoто училиште, каде готвачот не знаејќи дека е заразен од хепатитис А, подготвувал оброци за децата.
Хепатитис А или заразна жолтица е акутно заразно заболување на црниот дроб предизвикано од вирусот на хепатитис А. Најчесто се пренесува преку неизмиени раце, контаминирана храна или вода и близок контакт со заразено лице, вклучително и сексуално.
Во последните неколку недели, пак, кај деца во 11 земји во светот е откриен непознат загрижувачки вид на акутен хепатитис , а најмалку едно дете починало како последица на мистериозна болест, објави Светската здравствена организација.