Диего Симеоне во својот договор има клазула која би можела да стапи на сила ова лето. Имено, ако Атлетико остане без пласман во Лигата на шампионите, најплатениот тренер во светот би можел да го напушти Мадрид после повеќе од една деценија.
Во медиумите во Шпанија се шпекулира дека Симеоне повеќе нема таква мотивација и чувствува дека му е потребна промена, ја освои титулата минатата сезона, го повтори успехот од пред осум години, но малку веројатно е дека може да стигне до единствениот пехар кој му недостасува, оној во Лигата на шампионите.
Атлетико со поразот во Баскија си ја искомплицира работата. Сега, Бетис кој исто така не успеа да победи на гостувањето против Гетафе е на три бода од „јорганџиите“. За викендот се игра градското дерби против Реал Мадрид, а без оглед на тоа што „кралевите“ веќе ја освоија титулата ќе сакаат победа против големиот ривал. Колку не се сакаат овие два клуба покажува и тоа што Атлетико покрај Осасуна беше единствениот клуб кој не му честиташе на Реал Мадрид на освоената титула, а најавите се и дека нема да им приредат ниту шпалир натпреварот кој им следи. Добро за Атлетико е што и Бетис има тежок натпревар против Барселона.