Претседателот Стево Пендаровски го прими министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, кој денеска престојува во работна посета на Северна Македонија.
Соговорниците се осврнаа на блиската билатерална соработка која преку Вилнус групата датира од 2000-та година, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО врз основа на принципот на солидарност, што се заокружи со влезот на Северна Македонија во Алијансата.
Во контекст на заокружување на стратешките цели, на средбата се разговараше и за македонското европско досие, за конечно отпочнување на пристапните преговори со ЕУ – процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за принципиелната поддршка од Литванија како земја членка на групата „Пријатели на проширувањето” и изрази надеж дека континуираната заложба од литванска страна ќе биде целосно реализирана преку интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија, заедничка цел којашто треба да се постигне исклучиво преку мериторен систем низ призмата на европските вредности.
Во однос на актуелните геополитички околности и безбедносните импликации предизвикани од руската воена инвазија врз Украина, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија ќе продолжи да демонстрира силна солидарност со Украина и ќе ја продолжи соработката со сојузниците и партнерите во рамките на НАТО и ОБСЕ.
Северна Македонија, потенцираше претседателот, се приклучи на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и напорите за организирање ефективна хуманитарна помош преку механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, и е подготвена да прифати бегалци од Украина.