Арсовски: Ниту Ковачевски е шеф на државата, ниту СДСМ е државотворна партија

Почитувани новинари,

И денес СДСМ продолжува громогласно да молчи за партиската забава на ДУИ во Липково на која беше свечено отворен споменик на УЧК.

Втор ден оваа во наводници моќна и државотворна партија, како што сака самата да се прикаже собира храброст, размислува и премерува, како и дали да реагира, а притоа да не го налути својот коалициски партнер ДУИ во врска со вчерашниот настан во Липково.

Втор ден, анализирајќи како да постапат, од СДСМ несакајќи ја испратија најсилната порака до граѓаните на оваа земја.

Дами и господа,

Ниту Ковачевски е премиер на оваа држава, а ниту СДСМ е стожерната партија во Владата.

Ниту Ковачевски е лидерот на нацијата, а ниту СДСМ е државотворна партија! Ова е пораката која што ја пратија СДСМ.

Настанот во Липково е уште еден во низата докази дека вистинската титула за Ковачевски е „изведувачот на работите”, бидејќи повеќе од очигледно е дека Али Ахмети е вистинскиот премиер на Република Македонија.

Овој настан е уште еден доказ дека вистинската титула за СДСМ е само „чирак, односно помошник” бидејќи повеќе од очигледно е дека ДУИ е вистинскиот шефот во владата на Република Македонија! И видовме до кое дереџе ја доведе државата и граѓаните.

Истиот Димитар Ковачевски кој себеси се замислува за премиер,  учествувајќи на сите коктели, службени вечери и гала настани, со насмевка аплаудирајќи, гордо стави печат на легитимитет на проектот Скопје 2014, денес внимавајте со громогласен молк храбро ја верификува приватната забава во Липково организирана од неговите наредбодавци и шефови во ДУИ.

И во двата случаи станува збор за човек со исти, длабоко себични, нелидерски и очигледно коруптивни особини.

И во двата случаи станува збор за човек кој очигледно е дека е спремен личниот комодитет секогаш да го стави пред идеолошкиот, партискиот или општиот интерес. И додека неговите членови и граѓаните бараат одговори, Ковачевски повторно громогласно молчи.

Тогаш кога се отвораше новиот театар како дел од проектот Скопје 2014, одлучи од удобноста на скапите фотелји дискретно да се смее ракувајќи се со првенците на ВМРО-ДПМНЕ од тоа време и да ужива во нивно друштво. Меѓутоа, и денес, во случајот со настанот во Липково, исто така, одлучи како и секогаш до сега што видовме храбро да молчи.

Тоа Ковачевски го правеше и го прави бидејќи е повеќе од јасно дека цената е неговата фотелја и неговиот личниот комодитет за кој што гледаме дека е научен години наназад уште од времето кога беше во друштво на луѓето коишто беа првенци на ВМРО-ДПМНЕ во време кога се правеше Скопје 2014. Имено, тој, за жал, очигледно е дека е подготвен заради личниот интерес да го тргне на страна интересот на секого, па дури и тој на Република Македонија.

Дами и господа,

Во првите 100 дена по избор на Ковачевски за премиер на површина излезе слабиот човечки материјал од кој што е направена оваа личност која што се вика Димитар Ковачевски кој што сите знаеме дека случајно залута во врвот на македонска политика, ниту замислувал, ниту па сакал да биде на оваа позиција. Ковачевски го започна мандатот со крајната лична сервилност и подреденост кон понижувањата што доаѓаат на адреса на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија од страна на соседна Бугарија, а кои кулминираа со срамниот чин на отворање на културниот центар „Ванчо Михајлов” во Битола, а гледаме, не очекувавме ништо поинаку дека ги завршува првите 100 дена владеење повторно со лична сервилност и повторно со нова подреденост кон ДУИ.

Дами и господа,

Ова не е сплет на случајни околности во кои што е доведен Ковачевски.

Ова се настани во кои на тест е неговиот интегритет и карактер.

За жал Ковачевски тој тест не го положи! Ниту има карактер, ниту има интегритет да биде премиер на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија.

Ковачевски, како дете на транзицијата очигледно е подготвен со секого да биде сé, со ДУИ кадар на ДУИ, со Заев кадар на Заев, а со ВМРО-ДПМНЕ да биде кадар на ВМРО-ДПМНЕ, само и единствено за да продолжи да ги остварува своите лични, најтесни и коруптивни цели. И никако поинаку.

Димитар Ковачевски може да биде добар послушник на Ахмети, на Заев или на Груевски, но тој едноставно не е и не знае да биде лидер на граѓаните на Република Македонија, човек кој е спремен да испорача подобар живот, членство во Европската унија и подобри меѓуетнички односи. Видовме дека ништо од ова не може да го реализира.

Почитувани,

Ова се сериозни времиња и бараат сериозни луѓе кои ќе покажат подготвеност да ги одбранат интересите на Македонија и да ги зацврстат нејзините демократски темели.

Тој сериозен човек не е Димитар Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ со сите инструменти што ги има на располагање ќе продолжи од оваа позиција да придонесува Македонија да чекори напред и да го понуди најдоброто што го има.

Подадената рака од наша страна кон Димитар Ковачевски е затоа што сме уверени дека времињата се драматични, а грешките кои што се случуваат и ги прават може да бидат ненадоместливи.

Очекуваме одговор во врска со нашата понуда бидејќи знаеме дека влогот е Република Македонија!

Конечно Ковачевски нека излезе од својот комодитет, нека заборави на фотелјата и го повикуваме да не бега од одговорност за работите, да се крие и да не молчи гласно како што тоа сега го прави.

Тој е претседател на владата на оваа држава и народот и сите останати очекува мудри одлуки.

Не очекуваат да молчи, не очекуваат да се крие како што тоа го прави изминатите 100 дена.

Треба да знаете
Последни објави