Буре со остатоци од човечко тело е откриено на калливиот брег на езерото Мид, недалеку од Лас Вегас, кое се повлече и се намали поради сушата, соопшти локалната полиција, очекувајќи да пронајде повеќе тела.
Пронајденото буре го забележале луѓе кои пловеле во чамец, соопшти полициската станица во Лас Вегас. АФП пишува дека местото историски се поврзува со мафијата, која ги фрлала телата на своите непријатели во длабоките води на езерото.
Историската суша што зафаќа голем дел од западниот дел на Соединетите Држави врши притисок врз изворите на вода, а нивото на водата во резервоарите и езерата паѓа невидено ниско. Езерото Мид на границата Невада и Аризона, кое се напојува од реката Колорадо откако ќе помине низ Големиот Кањон, е најголемиот вештачки резервоар во САД.
Создаден е во 1930-тите со изградба на браната Хувер и снабдува со вода за пиење 25 милиони луѓе. Но, неговото сегашно ниво, на само 321 метар, е најниско од 1937 година. Врз основа на пронајдените лични предмети, истражителите веруваат дека лицето, чии останки ќе бидат детално испитани од форензичарите, е убиено во 1980-тите.