Здружението Еко-свест во соработка со регионалната мрежа CEE Bankwatch изработи Анализа за загадувањето во општината Новаци од ТЦ Осломеј и РЕК Битола.
Нивните податоци, како што укажуваат, се во насока на тоа дека комплексот РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи во Европа, а општина Новаци и Битолскиот Регион го примаат главниот удар.
Анализата покажува дека електраната предизвикува до шест предвремени смртни случаи само во општината Новаци.
„Новообјавената анализа „Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија“ подготвена од CEE Bankwatch Network во соработка со Еко-свест уште еднаш ги потврдува претходните наоди дека РЕК Битола е главниот причинител за надминување на граничните вредности за загадување на воздухот во Новаци и околината. Според анализата, направена целосно според независни мерења извршени од Bankwatch, надминувањата на ПМ10 и ПМ2.5 честичките се главно во зимските месеци и потекнуваат од насоката на електраната, рудникот за јаглен и депонијата за пепел. Надминувањата пак на вредностите на сулфур диоксид доминантно потекнуваат од насоката на оџаците на електраната кои испуштаат неколку пати повеќе гасови од дозволеното“, велат од Еко-свест.
„Собраните измерени податоци ги споредивме со законските граници, но и со тие препорачани од Светската здравствена организација како оптимални за заштита на здравјето. Резултатите покажаа дека скоро и да нема ден во Новаци во кој концентрацијата на некој загадувач не е над нездравите вредности“, изјави Давор Пехчевски, еден од авторите на студијата.
Се наведува дека ваквата концентрација на загадувачи предизвикува сериозни здравствени последици. Само ПМ2.5 честичките во Новаци предизвикуваат до 6 смртни случаи годишно, или пренесено на популација од 100.000 тоа би биле 152 предвремени смртни случаи. Тоа е 50% поголема смртност од аерозагадување отколку во Тузла, друго место со високозагадувачка електрана на јаглен.
И покрај ваквата ситуација, велат од Еко-севест, властите и АД ЕСМ и понатаму не преземаат сериозни активности за намалување на загадувањето од РЕК Битола и за заштита на здравјето на жителите од Битолскиот Регион, но и во целата земја.
„Плановите за продолжување на работниот век на ТЕЦ Битола по 2030 година преку отворањето на рудникот Живојно значат и дека битолчани ќе треба да го жртвуваат своето здравје за термоелектраната која работи нелегално и без еколошка дозвола. Ситуацијата во која се ставени битолчани покажува крајна негрижа за човековото здравје.“ потенцираше Невена Смилевска од Еко-свест.
Целата публикација – Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија може да се преземе на следниот линк: https://bankwatch.org/wp-content/uploads/2022/05/Regular-Zagaduvane-na-vozduhot-i-povrzani-zdravstveni-posleditsi-vo-Novatsi-Severna-Makedonija.pdf