Неопходни се геостратешки одлуки налик на оние во 2004 и 2007 година, кои ќе го зајакнат европскиот курс на регионот, ќе го задржат кредибилитетот на Унијата во регионот и ќе ги одвратат влијанијата на останатите геополитички центри на моќ, порача денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-конференција со неговиот колега од Литванија, Габриел Ландсбергис во Скопје.
– Забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија и Албанија преку почетокот на преговорите е најдобриот начин за тоа и сакам да изразам благодарност што за ова ја имаме целосната литванска поддршка, изјави Османи.
Со министерот Лансбергис, како што посочи Османи, се согласиле дека иднината на Европа зависи и од иднината на Украина и сите дискусии за вкупната безбедност треба да бидат врамени преку механизмите и на ОБСЕ и засилената поддршка од страна на ЕУ.
– Посочив дека Република Северна Македонија и досега како земја кандидат има целосна или стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, меѓу другото воведувајќи ги сите рестриктивни мерки кои произлегуваат од воената агресија на Русија врз Украина, нагласи Османи.
Според него, во услови на нарушена европска безбедносна архитектура, Северна Македонија и Литванија како сојузници во НАТО, ги адресираат актуелните закани и ја подобруваат севкупната безбедност на европскиот континент. Османи во тој контекст, го најави и одржувањето на најголемата воена вежба организирана досега во Северна Македонија со учество на војници на НАТО.
Министерот Ландсбергис, од своја страна, ја поздрави одлуката на земјава да застане целосно зад надворешно-политичката и безбедносна политика на ЕУ и особено што се придружи на санкциите воведени кон Русија, поради агресијата врз Украина.
– На денешната средба ја истакнав цврстата поддршка на Литванија на евроинтегративните цели на Северна Македонија. Сега е времето да се постигне јасен исчекор без какво било одлагање на евроинтеграцијата на Северна Македонија со ЕУ. Првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија треба да се одржат пред крајот на француското претседателство. Во прашање е кредибилитет на ЕУ, ако не можеме да ги испорачаме ветувањата за политиката на отворена врата дадени пред неколку децении, порача Ландсбергис.
Тој меѓу другото, ја нагласи важноста од единство на сите демократски земји во овие моменти кога „Русија ги доведува во прашање меѓународниот поредок и европската безбедност и потребата цврсто да се застане во одбрана на нашиот начин на живот и нашата безбедност“.
Во контекст на членството на двете земји во НАТО и претстојниот самит на Алијансата во Мадрид, Ландсбергис посочи дека одлуките на оваа средба треба да ја одразат променетата безбедносна средина во Европа и да ја потврдат подготвеноста на НАТО да ја брани од можен конфликт секоја педа земја на државите членки,.
На денешната средба двајцата се осврнале и на соработката во рамки на ОБСЕ, каде земјава како следен претседавач со Организацијата, има силна поддршка од Литванија за успешно претседавање во 2023 година.
Во однос на билатералните односи, Османи оцени дека тие се одлични во политички контекст со добар и интензивен политички дијалог и остануваа да се прават повеќе напори во делот на економската соработка и зголемување на трговската размена.