Неверојатен и возбудлив натпревар вечерва на „Де ла Керамика“ во Вилјареал, во кој Ливерпул добро се намачи, и со огромен пресврт од 0-2, на крајот славеше со 3-2 и стана првиот патник во финалето во Лигата на шампионите. Две различни полувремиња за избраниците на Јирген Клоп, кои во првиот дел одиграа слабо, бледо и со многу грешки. Тоа го казни Вилјареал и водеше неверојатни 2-0, и тогаш воспостави „егал“ сметајќи го и резултатот од првиот меч. Затоа сосема поинаква беше приказната во вториот кога „црвените“ царуваа на теренот, притиснаа и успеаја да дојдат до победа.
„Жолтата подморница“ се надмина себе си во првиот дел и дојде до 2-0, иако треба да се напомене дека Ливерпул одигра катастрофално лошо. Во 3. минута Диа донесе водство, а во 41. Кокелан носи и 2-0. Две асистенции запиша Капуе.
Жестоката иницијатива на Ливерпул на стартот од вториот дел даде плод во 62. минута. После ударот на Фабињо, топката мина низ нозете на Рули и сега „црвените“ од Енфилд се блиску до финалето. Не мина многу, а Ливерпул успеа и да израмни. Во 67. минута нововлезениот Луис Диаз успеа да донесе израмнување, и уште повеќе да ги доближи Англичаните до ново финале во Лигата на шампионите.
Во 74. минута Ливерпул преку Мане направи целосен пресврт од 2-3, и дефинитивно го внесе Ливерпул во финалето во Лигата на шампионите.
Вилјареал не успеа да се одбрани, не го издржа притисокот на гостите од Англија. Ова е второ загубено полуфинале за Вилјареал во историјата. Претхдоно не успеаја против Арсенал, а сега одново англиски тим застана на нивниот пат.
Ливерпул во финалето во Париз ќе го чека подобриот од утрешниот реванш меч меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити. По првиот меч, Сити има предност од 4-3.