Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, од денеска започнува теренска кампања за промоција на сите мерки и јавnи повици кои изминатиов период ги донесе министерството.
Теренската кампања започна денеска од Свети Николе каде министерот Николовски оствари неколку средби со земјоделци и директно ги информираше за мерките кои се во тек и ги повика максимално да ги искористат и да аплицираат на сите објавени повици.
„Ги слушаме земјоделците и земјоделските стопанства и заедно со нив подготвивме пакет на мерки. Земјоделците денес добиват рекорна поддршка, обезбедивме 400 милиони денари финансиска поддршка со која го стабилизираме и помагаме домашното производство. Сега редот е на земјоделците максимално да ги искористат мерките и да аплицираат за оваа поддршка. Токму затоа од тука од Свети Николе најавувам дека започнуваме теренска кампања, преку која сакаме уште еднаш да им ги презентираме мерките директно на земјоделците, да ги повикаме максимално да ги искористат, но и да чуеме од нив нови предлози за заедно полесно да ги надминеме проблемите кои оваа светска криза ни ги носи” изјави Николовски.
Во рамките на посетат на Св. Николе министерот Николовски најпрво ја посети земјоделката Цвета Нацева во село Ерџелија, која е корисник на мерката „Рурална жена” и добитник на грант од 3000 евра за претходниот повик. Цвета Нацева ги повика сите жени земјоделки да ги искористат мерките кои ги нуди државата и да аплицираат на новиот јавен повик за мерката „Рурална жена” кој е во тек. Министерот Николовски ја информираше г-ѓа Цвета дека двојно е зголемена поддршката за оваа мерка од 3.000 на 6.000 евра по корисник.
Овој повик е наменет за жени носители на земјоделски стопанства, кои преку оваа мерка можат да извршат инвестиции во набавка на опрема за преработка или доработка на примарни земјоделски производи и набавка на услуги за спроведување на деловниот план на инвестицијата.
Министерот го посети и младиот земјоделец Александар Младенов добитник на грант од 10.000 евра за мерката „Млад земјоделец”.
„Упатувам апел до сите млади земјоделци кои сакаат да ја работат оваа работа дека на многу лесен начин може да се дојде до овие грантови, само ако се сака. Се надевам дека и понатаму ќе се создаваат услови за подобар начин на работа„ рече земјоделецот Александар и информираше дека со грантот набавил трактор, елеватор за жито и млин со мешалка до 300 кг.
Заедно со земјоделците, МЗШВ подготви „Национален план за производство на храна” чија главна цел е поддршка и зголемување на домашното производство на стратешки култури, а со тоа и намалување на увозната зависност. За таа цел обезбедени се нови дополнителни 5.722 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го ставаме на располагање за обработка на стратешки култури. Свети Николе е една од општините во која се предвидени нови повеќе од 700 хектари земја за обработка на стратешки култури. Јавниот оглас е веќе распишан, а рокот за аплицирање е до 10 мај.
Министерот Николовски попладнето оствари средба на отворено со земјоделци од овој крај и ги повика да ја искористат оваа можност и да учествуваат на јавниот оглас. Министерот на средбата директно ги информираше земјоделците и за мерките од интервентниот фонд и дека веќе течат пет јавни повици, за набавка на траткори, силоси, изградба на мандри, набавка на опрема за производство на тутун и за мерката „Рурална жена”. Рокот за аплицирање за овие јавни повици е до 20 мај.
Преку јавниот повик за набавка на трактори, акцентот е ставен на полјоделското производство. Овој јавен повик можат да го искористат сите земјоделски стопанства запишани во ЕРЗС, кои не ја користеле поддршката во последните пет години. Поддршката е во форма на кофинансирање во висина до 75% од вкупната вредност на набавениот трактор. Максималниот износ на поддршката за набавка на трактори е до 3.500.000 денари по корисник.
„Работиме неуморно и сме во постојана консултација со вас земјоделците, грижејќи се за секој земјоделец. Максимално искоритете ги мерките кои ги нудиме за зголемување на домашното производство. Да си помогнеме сами, а со тоа да помогнеме на секој еден граѓанин во нашата земја. Во услови на криза се грижиме за секој килограм домашно производство, со цел да не бидеме дополнително зависни од увоз на земјоделски производи од странство. Токму затоа ќе инсистираме секој килограм домашно производство на стратешка култура, да заврши прво во домашните капацитети за преработка. Така е чесно, така е одговорно кон сите граѓани” рече Николовски на денешната средба со земјоделците од Свети Николе.