Директорот на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија, Владимир Кроневски и претседателот на Адвокатската комора на РСМ, Љубомир Михајловски, потпишаа Меморандум за соработка, со кој уште еднаш се потврдуваат долгогодишната тесна соработка и добрите намери за унапредување на заемната институционална поврзаност.
Со склучувањето на овој Меморандум за соработка, како што соопшти од ЈП Службен весник, ќе се овозможи правна рамка за соработка, а воедно и за давање на повластена понуда за адвокатите – членови на АКРСМ, за претплата на Електронската база со мобилната апликација на прописи со редакциски (консолидирани) пречистени текстови коja ja изработува претпријатието.
-Базата на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма, како и на апликација за мобилен телефон, претставува сеопфатна база на важечки прописи во правниот систем на Републиката, систематизирани на начин да може на брз и едноставен начин корисникот да го пронајде прописот кој му е потребен. Воедно, во наведената база се содржани и пречистените текстови на законите, подредени по соодветни хронолошки верзии и по секоја нивна нова измена или дополнување на одделен закон, како и електронското издание на службеното гласило, се наведува во соопштението.
Согласно со членот 7 од споменатиот закон, електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија” имаат ист текст и содржина и еднаква правна важност. По исклучок, доколку се појави неусогласеност помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание, за точен, односно правно важен, ќе се смета текстот објавен во електронското издание.
Новиот Меморандум за соработка, всушност, е надополнување на скоро една деценија воспоставената комуникација со адвокатската фела во сферата на законодавството во Република Северна Македонија низ услугите кои ги нуди ЈП Службен весник на РСМ и поволностите во користењето на електронската база на прописите како извонредна алатка за секојдневно безбедно правно постапување