Борис Бекер доби затворска казна, криел имот по банкрот

Поранешниот германски тенисер Борис Бекер – чии проблеми надвор од терените го засенија неговиот спортски успех – е осуден на две и пол години затвор, откако британскиот суд утврди дека задржал стотици илјади долари во имот по прогласувањето банкрот во 2017 година.

Бекер (54) беше прогласен за виновен по четири точки од обвинението за кршење на британскиот закон за несолвентност претходно, вклучително и отстранување на имот, прикривање долг и две обвиненија за неоткривање на имот.

Судот во Лондон утврди дека тенискиот ас префрлил 449.000 долари од неговата стечајна маса на други сметки, прикрил сопственост на 75.000 акции во технолошка компанија и криел заем од 871.000 долари.

Трикратниот шампион на Вимблдон претходно овој месец беше прогласен за виновен по четири обвиненија според Законот за несолвентност на Обединетото Кралство и се соочи со максимална казна од седум години
затвор.

Неговиот адвокат бараше пониска казна, со објаснување дека Бекер не ги потрошил парите на „раскошен живот“, туку на издржување на своите деца, станарина, правни и деловни трошоци.

Судијката Дебора Тејлор ја соопшти казната откако ги слушна аргументите и од обвинителот и од адвокатот на Бекер.

На судењето тој откри дека милионите што ги заработил во текот на својата кариера „испариле“ по скапиот развод и натрупани долгови бидејќи голем дел од неговите приходи секнале откако се откажа од професионалниот тенис.

Бекер на себе имаше вратоврска со темно зелен и виолетов дезен – боите на „Вимблдон“ – кога влезе во судницата рака под рака со девојката Лилијан де Карваљо Монтеиро.

Шесткратниот гренд слем шампион ги негираше сите обвиненија, тврдејќи дека соработувал со доверителите задолжени да го обезбедат неговиот имот и дека постапувал по стручни совети.

Треба да знаете
Последни објави