Германскиот канцелар Олаф Шолц им гарантира на Финска и на Шведска германска поддршка во случај овие земји да одлучат да побараат влез во НАТО.
„Нам ни е сосема јасно: во случај Финска и Шведска да одлучат да се приклучат кон НАТО, можат да сметаат на нашата поддршка“, рече Олаф Шолц за време на владиниот состанок во палатата Мезеберг во близина на Берлин, на кој присуствуваа и премиерките на Финска и Шведска, Сана Марин и Магдалена Андерсон.
Шолц додаде дека одлуката Финска и Шведска мора да ја донесат самите.
Германскиот канцелар додаде дека „без разлика на одлуката за членство во НАТО“, Финска и Шведска можат да сметаат на целосната поддршка од Германија.
По рускиот напад на Украина, Финска и Шведска го интензивираат размислувањето за влез во НАТО.
„Нападот врз Украина драстично ја промени нашата безбедносна средина“, рече премиерката Марин во Месеберг. Шведската премиерка Андерсон најави дека нејзината влада на 13 овој месец ќе претстави безбедносна анализа врз основа на која ќе се одржи јавна дебата за можното членство во НАТО.