Францускиот претседател Емануел Макрон во двочасовен телефонски разговор го повика рускиот претседател Владимир Путин „да дозволи продолжување на евакуацијата” од фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
Евакуацијата од тој објект во пристанишниот град во источна Украина мора да се случи „во координација со хуманитарните актери и дозволувајќи им на евакуираните да изберат дестинација, во согласност со меѓународното право”, соопшти Елисејската палата на денот кога руската војска започна нов напад на челичарницата од која, според Обединетите нации, досега се евакуирани 101 цивил.
За време на телефонскиот разговор, Макрон повторно „ја изрази својата длабока загриженост за Мариупол и ситуацијата во Донбас, соопшти неговиот кабинет.
Путин, пак, го повика Западот да изврши притисок врз Киев да ги прекине „ужасите” што се случуваат во таа земја, пренесоа руските новински агенции.
Путин му рекол на Макрон дека Западот може да помогне да се прекинат „воените злосторства и масовното гранатирање на градовите и населбите во Донбас“, при што страдаат цивили.
Русија негира дека нејзините сили во Украина вршат воени злосторства и ги обвинува украинските националисти и „неонацистите“ за смртта на цивилите, што Киев и Западот го отфрлаат.
„Западот би можел да помогне да се стави крај на овие ужаси со соодветно влијание врз властите во Киев и да престане да испраќа оружје во Украина“, рече тој, пренесе агенцијата РИА. Путин на својот француски колега му рекол и дека Москва и понатаму е подготвена за дијалог со Украина.
Овој телефонски разговор е прв на двајцата лидери по масакрот во Буча на 29 март, што Макрон, заедно со другите западни лидери, остро го осуди.