Германската Влада сака во Берлин да формира центар за независни новинари што доаѓаат од кризни региони, јави германската агенција ДПА, повикувајќи се на информации од германското Министерство за култура и медиуми. Новинари од земјите зафатени од војна, како Украина, Русија и Белорусија, ќе добијат ресурси за независно известување од германската престолнина, со што ќе се спротивстават на руската кампања на дезинформации, изјави германската министерка за култура Клаудија Рот.
„Војната е насочена против културата и против демократијата”, додаде таа.
Рот уште најави дека ќе се консултира со министерката за надворешни работи Аналена Бурбок и министерката за внатрешни работи Ненси Фезер за уредување на визните процедури за односните новинари.
„Слободните и независни новинари се важни професионалци во демократиите”, рече таа. Рот ги покани министрите задолжени за медиумите од Групата Г7 на состанок во Бон на 19 и 20 јуни на разговори по прашањето.