Украина нема да се согласи на замрзнат конфликт со Руската Федерација, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој во видеообраќање на седницата на Бордот на извршни директори на „Волстрит журнал“ рече дека Украина не се повлече од процесот во Минск, за разлика од Русија, која го направи тоа откако Владимир Путин најави инвазија од целосен обем.
– Нема да навлегуваме во замрзнат конфликт. Станав претседател кога постоеја договорите „Минск-1“ и „Минск-2“. Имаше релевантни документи кои беа прекршени, што значи дека тие документи биле несериозни. Сепак, имаше договор на хартија. Тоа беше замрзнат конфликт. Јас сум против. Таков документ сигурно нема да имаме – нагласи Зеленски.
Тој додаде дека не верува во договорите со Руската Федерација се додека Владимир Путин официјално не ги потврди, пренесува Укринформ.
– Нашите групи комуницираат на ниво на преговарачи. Искрено можам да кажам дека не верувам во такви договори – рече Зеленски.
Тој додаде дека додека претседателот на Руската Федерација не го стави својот потпис или барем нешто официјално не каже, не гледа никаква тежина во таквите договори.
На 16 април Зеленски рече дека конечниот документ за ставање крај на војната што Русија ја започна против Украина може да се состои од два дела, договор за безбедносни гаранции за Украина и посебен билатерален договор меѓу Украина и Руската Федерација.
Последните разговори во живо меѓу украинската и руската делегација беа на 29 март во Истанбул, пренесува „Танјуг“.