Петровска: Нашето општество има нужна потреба за конструктивна атмосфера за важните прашања кои ја детерминираат безбедноста и стабилноста на нашата земја, но и регионот

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска оствари средба со претставници на повеќе граѓански организации од областа на одбраната и безбедноста во Северна Македонија. Целта на средбата беше  размена на ставови и мислења за актуелниот процес на реформи во одбраната и безбедноста, односно отворање на консултативен дијалог со засегнати страни заради креирање на јавни политики базирани на докази и наоди и транспарентно и одговорно владеење.

 

„Со македонското членство во НАТО не запира процесот на трансформација на системот за одбрана, туку напротив сега треба да дадеме уште поголема динамика. Целта е преку дијалог со граѓанските организации да се постави основа за користење на сите ресурси во креирањето на јавни политики од областа на одбраната, безбедноста и евроатланските интеграции, при тоа во најкраток временски период да изградиме граѓанско – академска платформа, преку која полесно ќе можат да се координираат овие процеси. Бидејќи, само силни и безбедни граѓани може да дадат силна и просперитетна држава!” – нагласи МО Петровска.

 

Во рамките на средбата беа споделени размислувањата за процесот на одбранбено планирање и зајакнување на Армијата, при што беше побаран активен придонес од граѓанските здруженија за стратешките документи, концепти и нормативните акти кои се во процес на подготовка. Воедно, беа дискутирани прашања во врска со позиционирањето на Северна Македонија по членството во НАТО, како земја сојузничка како и унапредувањето на процесот на стратешко комуницирање и зајакнување на меѓународната соработка, регионалната соработка, а посебно внимание беше посветено на домашните задачи и ризици.

 

Беше потенцирано дека нашето општество има нужна потреба за конструктивна атмосфера за важните прашања кои ја детерминираат безбедноста и стабилноста на нашата земја, но и регионот. На состанокот се нагласи дека овој процес налага искрен и конструктивен пристап од сите актери во земјата, при што сите треба да вложат напори за да ги надминеме и меѓусебните разлики и да изградиме заеднички позиции кои се многу потребни. Постигнатите резултати треба да се одржливи и иреверзибилни бидејќи безбедноста не е луксуз.

Во оваа прилика, Петровска најави организирање на Тинк тенк форум од регионален карактер како и работилница за користење на НАТО фондовите, за што досега беа одржани повеќе средби со меѓународни чинители во однос на одбранбените и безбедносни прашања кои можат да послужат како платформа за поголема видливост на придонесот на нашата земја во зачувување на глобалниот и регионален мир и безбедноста.

Треба да знаете
Последни објави