Дресот на легендарниот аргентински фудбалер, Диего Армандо Марадона кој го носеше на мечот против на Англија на Светското првенство во 1986 беше продаден за рекордна сума од 7,1 милион фунти (9,3 милиони долари).
Повеќе од 35 години сопственик на овој син дрес со број „10“ е поранешниот играч за врска на англиската репрезентација Стив Хоџ, кој на крајот од тој натпревар го замени дресот со Марадона. Победата на Аргентина од 2:1 во четвртфиналето е една од најконтроверзните во историјата на Светските првенства, токму поради голот на Марадона, погодок кој подоцна го доби името „Божја рака“.
Поранешниот англиски фудбалер, кој својата автобиографија ја нарече „Човекот со маица на Марадона“, му го довери дресот на Националниот фудбалски музеј во Манчестер за да биде изложен таму и вети по смртта на Марадона дека предметот нема да биде на продажба бидејќи има „неверојатна сентиментална вредност“.
Сепак, тој се предомисли, а аукциската куќа „Сотби“ му одреди почетна цена од четири милиони фунти, што е повеќе од 5,2 милиони долари.
Тоа е најскапиот спортски сувенир во историјата. Претходно, рекордот го држеше дресот на легендата на Њујорк Јенкис, Бејб Рут кој во 2019 година се продаде за 4,4 милиони фунти.