Британски воени извори објавија дека веруваат оти Русија ќе се обиде да преземе уште два града во источна Украина, Краматорск и Северодонецк, пренесуваат светските агенции.
Според нивните написи, во дневниот брифинг објавен на Твитер, британското Министерство за одбрана соопштило дека Русија има околу 22 баталјони тактички групи во близина на Изум и дека се обидува да постигне напредок во таа област.
Русија користи т.н. баталјонски тактички групи, пешадиски единици обично засилени со тенкови, воздушна одбрана и артилерија, според АП. Секоја група има околу 800 војници.
И покрај проблемите што ги има да ја пробие украинската одбрана и да добие замав, постои голема веројатност Русија да има намера да оди подалеку од Изум – да ги преземе градовите Краматорск и Северодонецк, тврдат британски воени извори, пренесува агенцијата.
„Окупирањето на овие локации ќе ја зајакне руската воена контрола над североисточниот дел на Донбас и ќе создаде почетна точка за нивните напори да ги отсечат украинските сили во регионот“, било појаснето во соопштението.
Аналитичарите, како што пишуваат медиумите, сметаат дека источна Украина е сцена на најтешките борби во земјата, очекувајќи Русија да се обиде да ги опколи украинските сили. Сепак, појаснуваат дека рускиот напредок е бавен бидејќи украинските ловци идентификуваат и користат оружје и алатки со долг дострел, вклучително и хаубици.