Славески: Добро е што ММФ ќе контролира како се трошат парите од кредитот

Поранешниот министер за финансии и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 ги коментираше состојбите со буџетот и јавниот долг на Македонија.

Околу новиот аранжман за кредит од ММФ, Славески вели дека тој е неопходен, како и дека е добро што ќе има надзор на трошењето на средствата од страна на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд.

„Добро е што ќе има надзор на трошењето на средствата и реализацијата на овој аранжман ако одиме на две години, а јас претпоставувам дека ќе одиме на две години, тоа значи дека четирипати, на секој шест месеци, мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе врши проверка на спроведувањето на аранжманот“, вели Славески.

Тој потсети и на периодот од светската економска и финансиска криза од 2008-2009 година, кога тој беше министер за финансии и како тогаш економскиот тим на Македонија „со многу понеповолни услови од сега, успеа да се справи со нејзините последици“.

„Кога раководев со Министерството за финансии, во 2009-тата имавме две силни кризи и остар ценовен шок и не смееме да заборавиме дека цената на суровата нафта на светските берзи достигна 142 долари за барел. Сега не е ни оддалеку исто како тогаш, се движи некаде 110 долари. Тоа се одрази и многу брзо предизвика светска рецесија, а претходно имаше една ситуација затоа што таа криза почна како финансиска криза и буквално финансиските пазари замрзнаа. Големите, системски банки ја изгубија довербата меѓусебно, не знаеја која институција на какви се ризици е изложена, додека сега состојбите со финансиските пазари, од аспект на обезбедување на ликвидност надвор, се многу поповолни од тогаш. Во период од шест месеци не функционираа финансиските пазари и дури и да бевте развиена и стабилна земја како Словенија, на пример, не можеше да се обезбедат средства“, рече Славески.

Треба да знаете
Последни објави