Основниот кривичен суд Скопје издаде упатен акт за бизнисменот Орце Камчев за затворската казна во случајот „Империја“, објави „Фокус“.
-Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт, се предвидува во Законот за извршување на санкциите.
Сепак Камчев има законска можност да побара и одложување на издржувањето на затворската казна, поради повеќе причини како што се грижа за деца, болест и сл.
Една од можностите е и Камчев да побара одложување се до правосилноста на пресудата за ,,Плацеви на Водно”, за што исто така беше осуден на казна затвор од една година. Во тој случај се определува единечна казна, но и се собира времето кое го поминал во притвор. Бизнисменот за ,,Империја” беше 9,5 месеци во притвор, а за ,,Плацеви на Водно” 4,5 месеци.
Засега нема детали за тоа во кој затвор Камчев би ја издржал преостанатата казна од неколку месеци.
Камчев, покрај затворската казна плати и 5,2 милиони евра штета.
Исто така, се очекува во текот на утрешниот ден да бидат објавени информации и за упатниот акт за и за Ненад Јосифовиќ. Двајцата признаа вина во случајот „Империја“ и се спогодија со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на по една година затвор.
Постигнатите спогодби со двајцата се однесуваат за кривични дела за периодот до 2009 година. Камчев се спогоди за делото злоупотреба на службената положба и овластување, а Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.