Основно јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против Борис Стојменов и компанијата
„Економско биро“ за бесправно градење на местото на поранешната стоковна куќа „Беко“ во центарот на Скопје.
-Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против едно физичко и едно правно лице, кои се товарат дека сториле кривично дело – бесправно градење од член 244 – а од Кривичниот законик. Обвинителството соопшти дека обвинетиот, како одговорно лице – управител во фирмата, почнувајќи од 2018 година, без одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата Даме Груев во Општина Центар, велат од ОЈО.
Според обвинителството, за предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016 година добил одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект Стоковна куќа „Беко“ Скопје со ширина од 28,5 метри и должина од 42,5 метри.
-Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од 61 метар на 34,5 метри, информираат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека без дозбола за градба биле изградени две подземни нивоа од градбата, која била проектирана како Деловен објект со намена Б-5, односно хотелски комплекси од втора категорија на градби.
Во јули 2020 година, кога со олициска интервенција беше запрено градењето, Стојменов за ТВ21 посочи дека хотелот има документи, а обвини и дека му бараат мито од еден милион евра за да можат да продолжат со работа.
-Четири години со платени комуналии, платено се, не може да градиме затоа што бараат милион евра мито. Не им давам мито, порача Стојменов.