Петровска почнува консултации за продолжување на трансформација на системот за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ќе одржи средба со претставници на невладините и тинк-тенк организации со што ќе почне широки консултации во процесот на трансформација на системот за одбрана кој продолжува по членство на земјата во НАТО за зајакнување на одбранбените способности во периодот 2022-2031 година, најави Министерството за одбрана.

Целта е преку дијалог со граѓанските организации да се постави основа за користење на ресурсите во креирањето на јавни политики од областа на одбраната, безбедноста и евроатланските интеграции, при тоа да се изгради платформа со претставници на невладините организации и академската заедница.

Од МО истакнуваат дека експертизата, студиите и анализите на невладините здруженија и тинк-танк организациите имаат непроценливо значење за Министерството за одбрана и Армијата во градење на општествениот дискурс и тоа треба да се искористи со остварување на главниот приоритет преку безбедни граѓани до сигурна иднина на државата.

Се очекува учесниците да ги споделат своите видувања и да иницираат проектни активности и механизми за вклучување на нивната експертиза во процесите кои ги спроведува ресорното Министерство.

-Министерството за одбрана посебно ќе се заложи да обезбеди поддршка од одделот за јавна дипломатија и фондот Наука за мир на Северноатлантската алијанса во утврдување на потребите и приоритетните области за кои преку јавните повици може да се обезбеди финансирање од НАТО на проекти за невладините и тинк-тенк организации во зајакнување на граѓанската и цивилна контрола на системот на одбрана и Армијата, борбата против лажните вести, хибридните закани, креирањето на јавни политики за одбраната и друго, инфрмира МО.

Треба да знаете
Последни објави