Навремено обезбедување чиста вода за наводнување на нови 4 000 хектари земјоделски површини е клучната функција на браната „Конско” како дел од хидросистемот „Гевгелиско поле”, за чија изградба веќе се завршени 80 отсто од градежните работи. Освен за наводнување, акумулацијата ќе се користи за производство на електрична енергија, но и за развој на туризмот, риболовот, спортот и рекреацијата.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој денска изврши увид во градежните работи, истакна дека станува збор за еден од најголемите капитални проекти на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и најголем инфраструктурен проект во гевгелискиот регион каков што немало во изминативе 50 години.
-Оваа вештачка акумулација позитивно ќе влијае на регионот од повеќе аспекти. Клучната функција на браната „Конско” како дел од хидросистемот „Гевгелиско поле” е навремено обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини. Со тоа се создаваат неопходните услови за развој на конкурентно земјоделство, зголемување на производството на храна и на регионалниот економски развој. Со изградбата на браната се обезбедува наводнување на нови 4.000 хектари земјоделско земјиште. Освен за наводнување, акумулацијата ќе се користи за производство на електрична енергија, но и за развој на туризмот, риболовот, спортот и рекреацијата, што му дава една нова димензија на овој крај, рече премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека како Влада продолжуваат да вложуваат во секој сегмент што во оваа светска криза ќе придонесе за поголемо домашно производство и поттикнување на економијата.
-Затоа ставаме силен фокус на земјоделството како еден од двигателите на македонската економија. Во овие кризни времиња освен со интервентни субвенции, го помагаме земјоделството и земјоделците со вложувања во капитални проекти, кои се со трајни вредности и на долг рок овозможуваат одржливо земјоделско производство. Oваа брана, заедно со останатите инвестиции во водостопанството, како што е и изградбата на системите за наводнување се дел од Националниот план за производство на храна, што за прв пат го донесе оваа Влада, како план кој на среден и долг рок ќе значи зголемено производство на домашна храна и увозна независност, истакна премиерот.
Потсети дека со поволни услови и државна помош се поттикнуваат земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури, да се искористат ресурсите, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети, како и дека заради зголемување на производството на стратешките земјоделски култури, особено на пченицата и пченката, дополнителни 6.000 хектари државно земјиште ќе биде поделено на земјоделците.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски истакна дека инвестицијата на браната „Конско” од 40 милиони евра е од институцијата со која тој раководи и Програмата за рурален развој.
-Со средствата кои се вложени токму овде, во општина Гевгелија за изградба на браната „Конско”, што подразбира и ново вештачко езеро/акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени околу 4.000 хектари нето земјоделски површини, наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Навременето и редовно наводнување на земјоделски површини коешто ќе се овозможи со оваа брана е клучен предуслов за квалитетно производство. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и им ги зголемуваше производствените трошоци. Со браната ја обезбедуваме потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство, рече Николовски.
Тој појасни дека браната „Конско” е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле”, којшто опфаќа три потсистеми за наводнување – во Гевгелија, Богданци и Дојран. Со завршувањето на овој капацитет, овие три системи за наводнување заедно ќе обезбедуваат вода за вкупно 6.500 хектари нето земјоделска површина во јужниот дел на државата.
-Неодамна започнавме нов систем за наводнување во селото Конопница, започната е и изградбата на нови системи за наводнување во Пишица и Теарце. Во финална фаза е системот Славишко Поле, а веќе е завршен хидросистемот Чаушица, рече министерот Николовски.
Тој информира дека дополнително од ИПА фондовите се одобрени уште два капитални проекти, изградба на хидросистеми за наводнување во Сопот и Новаци, но и дека непречено се одвиваат работите на реализација на капиталниот проект Равен Речица. Минатата година, рече, е завршена втората фаза од хидросистемот Јужна вардарска долина 2, а сега интензивно се работи и на Програмата за наводнување на Северна Македонија, финансирана од KfW и буџетот на РМ со вкупна вредност од 120 милиони евра, со кои е опфатена изградба, рехабилитација и проширување на четири системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Коњско и Пепелиште).