ПСЖ лани во загуба од 225 милиони евра, а на сите им пораснале платите

Пари Сен-Жермен (ПСЖ) минатата година работел со загуба од речиси 225 милиони евра, што во најголема мера се должи на кризата околу ТВ правата за француското фудбалско првенство и играњето пред празни трибини поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Клупскиот дефицит на парискиот гигант е повисок за 80 проценти во споредба со предминатата сезона (2019/2020), кога изнесуваше 124.2 милиони евра.

Според податоците на Професионалната фудбалска лига (ПФЛ) објавени денеска, сметките на 17 од 20 француски прволигашки екипи се „во црвено”, додека во сезоната 2019/2020 со загуби работеле само десет од нив.

Вкупните загуби на француските прволигашки екипи изнесуваат 646 милиони евра, а по ПСЖ најголеми загубари се Лион (107 милиони евра), Марсеј (76 милиони евра) и Бордо (67 милиони евра).

Парижаните за една година доживеаја огромен пад на приходите од билети, од 38,06 милиони на 961.000, а главната причина е што повеќето од натпреварите во Паркот на принцовите се играа пред празни трибини, поради важечките антиепидемиски мерки.

Во исто време, и покрај падот на приходите од билети за 98 отсто, трошоците за платите на персоналот на клубот се зголемија за 21 отсто на 503 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави