Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со Амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон.
На средбата се разговараше за соработката помеѓу двете земји и можностите за нејзино продлабочување, како и размената на информации меѓу полициите.
Министерот Спасовски изрази благодарност до Шведска за поддршката која ја дава на патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија и нагласи дека државата цврсто стои на патот кон Унијата, но предолго чека одговор, поради нелогичните барања на Република Бугарија. „Ова веќе не е прашање на Република Северна Македонија, тука е прашање на Европската Унија и многу е важно каков ќе биде одговорот, за да не се остави простор за други влијанија во регионот. Ние сме максимално посветени на пронаоѓање решение, но тие разговори мораат да бидат на принципиелна основа”, нагласи Спасовски, додавајќи дека сите земји членки на ЕУ можат и се очекува да дадат свој придонес за да се откочи овој процес за Северна Македонија и Албанија, да се направи чекор напред, да се упати силна порака до граѓаните и да не се губи вербата во вредностите на Унијата.
Амбасадорката Бенгтсон посочи дека Шведска максимално ја поддржува Република Северна Македонија на патот кон Европската Унија, при што нагласи дека земјава е сосема подготвена за влез во Унијата. При тоа Шведска има посебна стратегија за развој 2021-2027 која ја вклучува Република Северна Македонија.



