Монографијата „МВР за граѓаните 2017 – 2021″ претставува документарно сведоштво за постигнатото и тоа не само како збир на сработеното, туку и како поставени вредности за во иднина, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната презентација.
Министерот појасни дека преку монографијата, јавноста ќе биде во можност да направи транспарентна проверка на фактите.
–„МВР за граѓаните” е мотото под кое оваа година со неколку свечености го одбележуваме 7 мај, под истото мото ја создадовме и оваа монографија имајќи го предвид периодот од 2017 – 2021 како период на најважните спроведени реформи на македонската полиција и поставување на концептот полицијата вистински сервис на граѓаните, основната причина за тоа е целиот тој реформски процес да го ставиме на увид на јавноста на отворена транспарентна проверка на фактите преку електронска верзија на оваа публикација, која ќе биде достапна до граѓаните преку наша веб страница, низ фотографии збогатени со текстуална содржина создадовме документарно сведоштво за постигнатото, потенцира Спасовски во своето обраќање.
Ги потенцира професионализација, департизација и декриминализација како суштински прашања на кои работело Министерството изминатиот период и тоа со цел враќање на довербата на граѓаните во институцијата.
-Горд сум со сите спроведени реформи со формирањето на Оперативно техничката агенција, реформата на безбедносните служби, формирањето на Агенцијата за национална безбедност, формирањето на Комитетот за борба против тероризмот и насилниот екстремизам. Ќе потсетам дека затекнавме и полицајци без униформи, полиција која немаше услови за работа ни работен простор, полиција која немаше соодветна опрема, заедно со целиот мој тим во овој пет годишен период, но и со заеднички напори на нашите меѓународни партнери и пријатели, паралелно си поставивме за цел финансиски да го консолидираме Министерството за да можеме да ги промениме условите за работа, за да можеме да работиме на мотивираноста на полициските службеници и нивниот интегритет, подвлече министерот.
Информира дека во тек е постапка за изградба на нова полициска станица во општина Аеродром во Скопје, реконструкција на управните служби на МВР, како и комплекс на објекти во центарот за обука на кадри, Идризово.
-Годинава ќе ја промовираме и новата зграда на крим- техника односно на новиот центар за форензика која ќе ги добие сите сертификати за да можеме да бидеме добро етаблирани на регионално и меѓународно ниво, што ќе придонесе за поефикасно и побрзо спроведување на сите истраги, ќе започнеме со градба и на нов објект на Центарот за странци, додаде Спасовски.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, кој истакна дека сите реформи покажуваат дека Министерството се залага да обезбеди високо квалитетни услуги за јавноста.
-Мисијата на ОБСЕ има долга историја на соработка со вашето Министерство преку рамковниот договор во Охрид со цел да се даде поддршка на интеграцијата на полицијата по конфликтот, дадовме поддршка и во делот на децентрализирање на полициските функции, зајакнување на полициските обуки и едукација, градење на капацитети, даваме подршка на Министерството да исполни две стратешки цели, тоа се демократско полициско работење и професионализација на полицијата, Која.
Додаде дека Мисијата обучила 220 полициски офицери со различно етничко потекло и дала поддршка во достигнувањето на родовата еднаквост во институцијата.
Напомена дека истражувањата покажале дека довербата на граѓаните во јавните институци во државава е ниска.
-Имавме истражување, кое покажува дека 57 проценти од населението имаат делумна или целосна доверба што е недоволно, преку овие истражувања на јавното мсилење се покажа зголемена доверба, но имаме и пад во овие бројки, оцени амбасадорот.
На настанот присуствуваа заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, како и деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.
Монографијата е поделена во 15 различни глави и е достапна на неколку јазици.