Фудбалот може да доживее вистинска револуција, голема промена ако во иднина се спроведе на дело предлогот на поранешниот судија Марк Клатенбург, кој своевремено важеше за еден од најдобрите светки арбитри. Англичанецот Клатенбург смета дека еден меч треба да трае активно 60 минути, односно да се стопира времето кога има потреба за тоа со што би се избегнала сегашната ситуација во овој спорт кога гледаме како играчите на секој начин се обидуваат да „украдат“ по некоја секунда, минута, но и кога има реакции за одлуките на арбитрите кога се во прашања дополнителните минути на крајот на прво или второ полувреме.
-Мислам дека има решение за сето ова, а тоа се натпреварите да траат 60 минути со запирање на времето – идеја која моментално ја разгледуваат Пјерлуиџи Колина, ФИФА и ИФАБ. Функционира во кошарката и може и во фудбалот.
-Времето се запира кога топката е надвор од теренот на пример или има повреда или судијата дава жолт картон и разговара. На тој начин, секој натпревар би траел исто и ќе се ослободиме од оваа контроверзност, -вели Клатенбург во својата колумна за „Дејли Мејл“.
Воедно тој откри дека сезоната во ПЛ активно се игра 55 минути и 3 секунди, топката пак најкратко била во терен на средбата Вест Хем-Брентфорд (41 минути и 33 секунди), а најмногу на дуелот Манчестер Сити и Барнли (65 минути и 42 секунди).