Најстарите вински убавици, две тиквешки лози, шпалир и одрина, гордо му пркосат на времето. Едната, полска, за неа сопственикот вели дека е стара повеќе од два века и другата урбана и со над едно столетие старост, во летната бавча на објект, среде Кавадарци.
Соговорниците на МИА за оваа тема, нагласуваат дека кога се во прашање виновите лози, младоста не е предност и поим за убавина.
Најсериозни претенденти за најдолговечна винова лоза, во најголемиот лозарско-винарски регион во Македонија, се 120-годишната лозница во некогаш култната и позната кавадаречка кафеана „Балкан” и старата лозница во нивата на кавадарчанецот Ѓоко Липтов – Бегот, за која тој тврди дека има над 200 лета и надживеала неколку генерации од неговото семејство.
Ова го откривме трагајќи по најстарата лозница во регионот, а веројатно и во Македонија.
-Не може со сигурност да се потврди која е најстарата лозница и колку години има, вели историчарот Петре Kамчевски, кој исто така истражувал на оваа тема.
Камчевски е дециден дека не постојат точни податоци која е најстарата винова лоза во Тиквешко.
– До пред некое време се веруваше дека е тоа лозницата во некогаш култната кавадаречка кафеана „Балкан”. Така и напишав во книгата за лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата. Лозата е дебела како дрво, прекрасно изгледа, мами погледи и воздишки и е атракција и во новиот објект во центарот на градот. Згора на тоа, со својата крошна лете прави сенка во летната бавча на објектот, а раѓа и грозје. Се смета дека има 120 години, нагласува Kамчевски.
Во прекрасниот изглед на таа винова лоза крај која во минатото пиеле и се веселеле овдешните боеми, се уверуваме секогаш кога ќе ја видиме. Таа е сведок на многу животни приказни, кои со години се случувале под нејзините крошни. Нејзината сенка ја зголемувала радоста и ја лекувала тагата на посетителите низ годините.
Kамчевски посочува дека и една друга лозница е во трка за титулата најстара во Македонија. Тоа е лозницата во лозјето на Ѓоко Липтов, кој потекнува од стара кавадаречка фамилија и има прекар Бег. Неговото лозје се наоѓа во месноста Овчка Река, позната по квалитетното грозје кое се раѓа таму.
– Моето убедување за староста на нашата лозница го темелам врз фактот што мојот татко и неговиот татко не ја посадиле таа лозница, ами ја затекнале во нивата исто како и јас, тврди Липтов.
Тој со задоволство говори за лозницата за која кажува дека уште раѓа грозје.
-Натоварена со огромни гроздаци, таква ја паметам откако знам за себе. Наредени еден до друг, а зрната правилно распоредени, како некој со машина да ги редел. Може да се забележи колку е дебела, распослана е на околу седум метри, вистинска убавица. Сите што ја виделе, се восхитуваат. Здрава е и силна оваа лоза, затоа толку долго живее и ни прави мерак, со љубов за лозницата говори Бегот.
Од грозјето кажува дека го прави „најубавиот маџун на светот”. Оти, како што додава, колку е лозата постара, толку е грозјето поквалитетно.
Дека грозјето од стара лоза е тоа што се бара и дека може да биде вистинска атракција за вински туристи, слушнавме и од енологот Елена Богева.
Богева нагласува дека најквалитетните вина во светот доаѓаат токму од најстарите лози, кои, патем речено, раѓаат помалку, ама поквалитетно грозје.
– Старите лози не се за занемарување, туку треба да се земат предвид да се размножуваат, да се калемат. Ова особено важи ако се автентични лози од тиквешкото виногорје, тогаш имаат уште поголемо значење и треба да им се обрне особено научно внимание. Оти штом издржале толку години, значи се отпорни на суши и мразеви, болести и штетници и други непогоди. Тие се добра предност за развојот на лозарството, винарството и туризмот. Од добра и здрава лоза се добива одлично вино кое на туристите ќе им се понуди како автентично, додава Богева.
За винскиот туризам и тоа како е важно да се знаат детали што може да бидат дел од една винска приказна, што би била магнет за алтернативните туристи, велат туристички работници со кои разговаравме.
– Би можеле тие лози, за кои зборувате, да ги вклучиме во понудата за посета при доаѓањето на вински туристи, бидејќи нив ги интересира тоа што е поврзано со грозјето и виното. А развојот на туризмот е една од нашите цели, додаваат тие.
Kонсултиравме и универзитетски професор, но одговорот беше дека засега не се располага со официјална информација, за тоа која е најстарата винова лоза во Македонија. Kавадарчани веруваат дека тој епитет може да го понесе една од овие две лози, со оглед на тоа што Тиквешко е најголемиот лозаро-винарски регион во државата, а има и археолошки докази за постоењето на лозаро-винарството на овие простори од многу одамна.