Еден од најголемите рокенрол состави на сите времиња Дип Прпл (Deep Purple) на 28 мај ќе настапи стадионот на Армијата во Скопје, во организација на „Авалон продукција”.
Македонската и регионалната публика ќе може во живо да ги слушнат класиците: „Smoke on the water”, „Hush”, „Strange kind of woman”, „Woman from Tokyo”, „Knocking at your back door”, „Highway star” и уште многу други хитови што го одбележаа петдецениското постоење на овој навистина и култен и легендарен бенд во музичката историја, којшто со тоа што го работи во моментов и тоа како е цврсто позициониран со своите нови албуми во сегашноста, наведуваат од „Авалон”.
Првиот човек на „Авалон”, Бобан Милошески денеска на прес-конференција најавувајќи го концертот изјави дека по три години застој и без нормален живот, овој прес е своевидно славење на животот и славење на враќањето во нормала.
– Дип Прпл се еден од најпотентните рок и метал бендови во последнава деценија, без разлика на тоа што имаат по 75 години, тие само во последните три години имаат издадено два албума. Ние имаме ситуација во која 20-годишници не можат да скрпат две песни. И треба да престанат да се делат бендовите на млади и на стари. Актуелен е бенд којшто има нов материјал и од таа гледна точка во доаѓањето на Дип Прпл, значи доаѓање на еден од најголемите светски рок бендови на сите времиња, рече Милошески.
Напомена дека значењето на Дип Прпл е нешто што не треба да се потенцира, тие се меѓу големата петорка заедно со Битлси, Ролинг Стоунс, Пинк Флојд и Лед Цепелин.
Ова е прв концерт, со кој ја отвораат претстојната сезона, а предгрупа на легендарниот бенд, ќе биде млад македонски бенд, кој Милошески не сакаше да го открие.
– Ќе има предгрупа и ќе биде објавено во наредниве два-три дена. Млад македонски бенд. Инсистиравме да биде млад македонски бенд. Се нудеа некои групи што се генерациски многу блиску со Дип Прпл, ама ние одлучивме да биде млад македонски бенд и Дип Прпл сакаа млад македонски бенд, рече тој.
Милошески изрази задоволство, што во земјава се уште има компании, кои се свесни дека без нив е невозможно да се направат вакви концерти, но изрази незадоволство од државата, која, како што рече, мошне малку смета дека овие концерти се важни од национален интерес и за културата.
Влезниците во продажба се пуштени на 23 февруари. Тогаш „Авалон” најави дека во продажба ќе бидат пуштени само две илјади влезници. Тие чинат 1.500 денари партер и 2.000 денари за Фан пит. Генерален спонзор е НЛБ Банка.