Стопирањето на проектот Супер лига е мојата најголема победа откако сум на чело на Европската фудбалска асоцијација, (УЕФА), изјави денеска нејзиниот претседател Александар Чеферин во интервју за словенечките медиуми.
– Покрај сите предизвици со кои УЕФА се соочуваше изминатите две години, најважно од сè, според мене, е тоа што лани во рок од два-три дена успеавме да ја спречиме оваа безумна идеја таканаречена Супер лига, која ќе значеше целосно уништување на фудбалот и крај на европскиот спорт, изјави Чеферин.
УЕФА претходно оваа недела на Конгресот во Виена усвои реформи во системот на натпреварување на Лигата на шампиони почнувајќи од 2024 година, со што, според мислењето на Чеферин, проектот Супер лига и дефинитивно е мртов.
– Ова е последната шајка во ковчегот. Ковчегот одамна беше подготвен, но сега само моравме целосно да го затвориме, сликовито ја илустрираше Чеферин важноста на одлуката донесена на Конгресот на УЕФА во Виена.